Sunday, May 3, 2015

Другарство

Другарството е една од најбитните работи во животот на човекот. Ние со пријателетите ги делиме најубавите моменти во животот но, и најлоште. Затоа треба да ги цениме и почитуваме нашите пријатели, да им помогнеме во лошо и да бидеме до нив, така и тие ќе ни возвратат на нашите добрини. Еве еден текст кој го напишав за мојата другарка Деспина со која имаме поминато многу луди и незаборавни моменти и сме биле заедно и во најтешките моменти:            Пролетта веќе одамна ја зави природата во зеленило. Сонцето во утринските часови ги подаде зраците да се искапат во водите на Дојранското Езеро. На небото имаше само неколку развеани, бели, чисти како невиноста облачиња, а птиците слободно, без мака ги рашириле крилјата и се впуштиле во небесната ширина. Од езерото утрото го разубавуваше хорот на жабите. На брегот тревата ја следеше композицијата и на штурците. Лисјата од бујните дрвја се нишкаа и шушкаа од тивкото утринско ветре, а малите бранчиња од езерото плискаа на брегот.            Крај брегот се наоѓаше хотелот „Полин“ каде престојувавме на дводневната екскурзија организирана од нашето училиште. Хотелот беше на четири ката од кои на првиот кат беше рецепцијата и трпезаријата. Во трпезаријата имаше голем шанк, голем број маси и столициза гостите, а на масите бели, чисти чаршафи. На вториот, третиот и четвртиот кат се наоѓаа хотелските соби кои беа убаво уредени, чисти и удобни. Во собата во која бевме сместени јас и неколку мои другарки од прозорецот не пленеше пејзажот на мирното езеро, светлото сонце кое се одсликуваше на езерото, слободата на птиците во лет, планините и ридовите кои се гледаа како низ сенка во далечините на другата страна од езерото, мелодијата на штурчињата и жабите... Се беше толку убаво. Посакав да станам и јас дел од тој прекрасен пејзаж, затоа се упатив кон трпезаријата во која имаше врата од која се излегуваше на големата, широка тераса. Таму имаше неколку маси со бели чаршафи и околу нив дрвени или пластични столици, имаше мовче кое водеше до брегот на Дојранското Езеро. Го преминав мовчето и застанав на брегот. Се воодушевив од убавината која ја видов од близу и станав дел од неа. Душата ми се исполни со среќа. На брегот воодушевена како мене стоеше и мојата другарка Деспина. Целата трепереше од восхит. Очите и светкаа од отсјајот на езерото. Тивкото ветре нежно и ја лулаше кафеавата коса. На лицето и се забележуваше среќата. Така растреперена стоеше пред мене и ја разгледуваше околината. Деспина е мојата најдобра другарка и учиме во ист клас. Секогаш е подготвена да помогне за што и да треба. Има топло срце и широка душа. Со мене е и во среќните, но и во тажните моменти. Навистина вреди да се споделат сите моменти со таква другарка.             Знаете... Кога свеќата ќе догори, а пламенот ќе згасне, ќе остане само восокот, како што времето мина, утрото згасна, а прекрасните моменти и другарувања останаа во сеќавањата заедно со езерската шир, свежото утро, слободата на птиците во небесната ширина, композиција на штурците и жабите, прекрасните заеднички моменти со Деспина и заедничкиот пејзаж. Но, искреноста и широко отвореното, пријателско срце кон мене ќе се трудам да ги зачувам до крајот на мојот живот.

Овој состав го напишав за писмено оценување под тема: „Едно време, едно место, една личност“  

12 comments: