Sunday, May 3, 2015

Есеј за животот

Се започнува како во сон, како во магла, преку првите осознавања на околината. Препознавање на мајчиниот лик, нејзините зборови и чувствување на нејзината топлина. Истражување на скриените и непознати катчиња во околината, играта со најблиските, распознавање на познатите лица, запознавање со пријателите на човековиот род - домашните миленичиња.
За секого различно во зависност од местото на живеење, економските услови, статусот на родителите во општеството, условувањата од традицијата, политичкото и религиското опкружување, како и времето во кое сето тоа се одвива изразено преку моменталните услови на секоја генерација.
Сите овие чинители влијаат врз начинот на нашето осознавање и перцепција на светот околу нас и истите тие чинители ги врежуваат  цртите  на нашиот карактер, кои во повеќето случаи остануваат како составен дел на личноста во текот на нејзиниот живот, влијаејќи врз нејзиното сфаќање на животната реалност. На овој начин се создава еден невидлив шаблон кој го трасира животниот правец и неговите контури. Така започнува една несфатлива и неодгатната игра во која се испреплетуваат и животите на другите луѓе.
Гледајќи ја оваа игра како непристрасен набљудувач, од една повисока, продуховена инстанца: Животот на еден поединец и животот на сите луѓе колективно, заедно со целата мрежа на релации, односи, врски, конекции-изгледа како ремек дело на некој мистериозен сликар кој преку луѓето сака да се осознае себеси.
Да ги почувствува страдањата на отфрлените, солзите на напуштените, болката на повредените, страста на заљубените, гневот на обесхрабрените, грижата на загрижените, восхитот на просветлените. И како во некој магичен круг на полети и падови се одвиваат животите на сите луѓе. И секој во текот на своето постоење (свесно или несвесно) ги искусува сите (примарни и сложени) емоции: љубовта, тагата, среќата, гневот, задоволството, омразата, восхитот итн.
Во тие духовни борби на морален избор, во процесот на своето созревање преку својот „внатрешен монолог“ веројатно секој од нас си ги има поставено прашањата: Што е животот? Која е мојата улога на овој свет? Која е смислата на животот? Што е тоа што треба и сум должен/а да го направам? Која е мојата вокација или повик?
Можеби сите овие прашања доаѓаат како резултат на  копнежот и стремежот да се запознаеме себеси и светот кој не опкружува. Да продреме во бескрајната мистерија на  постоењето која никој до сега колку и да се трудел не ја одгатнал. Постојат само обиди и хипотези во насока на осознавањето на овие суштински прашања, но никој со сигурност не може да ја осознае целокупната вистина. Можеби  сите од нас како луѓе се различни, за да постојат различни агли на перцепција. А целокупната разновидност и различност да создава еден суптилен систем на знаења. Но тој систем нема да биде систем доколку не е составен од сите составни делови. Затоа секоја личност има улога во општохуманите случувања. Од таа причина луѓето не би требало да ја потценуваат својата голема улога во општохуманите и општочовечките случувања.
Нашата должност, улога, повик на овој свет е да бидеме хумани битија. Нашата должност како личности е да имаме пошироки видици за сметка на ограниченото гледање на работите. Затоа што според „ефектот на пеперутката“ секоја наша макар и  најмала акција се рефлектира на целокупното човештво. Должни сме како хумани битија да помогнеме, да споделиме, да кажеме убав збор, да дадемe поддршка. Да гледаме кон другите со емпатија, почит, разбирање. Да бидеме алтруистички настроени, да се дистанцираме од секое зло, да не учествуваме во погрешните одлуки на некој друг, да дадеме отпор кон неправдата како кон нас така и кон другите (затоа што не постои лично добро ако сите околу нас се лошо). Должни сме да бидеме сплотени во тешките времиња и пред предизвиците. Должни сме заедно да се потрудиме да изградиме една заедничка подобра иднина.
Успех е да го кренеме и оној кој е „паднат“,  за да стои до нас и да се почувствува како составен дел од заедничкото животно патување. Затоа што годините се нижат а спомените остануваат како некое далечно минато. А ние имајќи право на избор и слободна волја, можеме да избереме како ќе делуваме во сегашноста и што ќе оставиме позади нас како минато или спомени. Дали нешто со што ќе бидеме горди и задоволни или тажни затоа што сме можеле а не сме направиле. Затоа што животот е карта во еден правец, без можност за повратен билет.
Животот не е само стремеж кон среќата, животот е убав со сите негови составни делови. Со среќата, тагата, добрите и лошите искуства. Затоа што животот е се она од што се состои. Нема целост во една половина. Затоа е наивно да се трага само по среќата и убавите искуства. Сите случувања во животот претставуваат благослов доколку се сфатат свесно и правилно. Впрочем нема зло без добро и добро без зло. Тие постојат за да се сфати суштината  на било која вредност. Со ова воопшто не го подржувам злото, туку сакам да укажам на контрадикторноста на појавите во животот.
Секое (од наш аспект) лошо искуство може да е само подготовка за наредно добро искуство. Секоја затворена врата или поглавје во животот не води кон нова врата или поглавје. Ако ние тие промени ги прифатиме и се прилагодуваме на нив, слободно ќе циркулира животната енергија, а доколку болуваме, одбиваме да прифатиме и даваме отпор ние се блокираме себеси за понатамошниот развој. Ништо што ни се случува не постои за да не скрши туку за да не направи помудри, подобри, почовечни, посвесни.
Животот е како воз. Секој тргнува од една почетна точка „станица“ и мора да го помине патувањето со другите патници. Ние не ги избираме патниците кои патуваат со нас, ние само можеме да се прилагодиме кон нив или дистанцираме од нив. Но мораме да патуваме. Како што ние не избираме кога тргнуваме, така не избираме и кога се симнуваме од возот (секој различно се симнува). Но тој период додека сме заедно имаме иста цел: Сите патуваме.
Животот е дар, животот е вдахновение. Животот живее во нас и преку нас. Животот сведочи за себе преку сопственото сведочење. Животот е енергија која се шири низ нас. Ние не го живееме животот, животот не живее нас. Ние сме само средство кое избира како ќе го живее тој драгоцен дар.

Другарство

Другарството е една од најбитните работи во животот на човекот. Ние со пријателетите ги делиме најубавите моменти во животот но, и најлоште. Затоа треба да ги цениме и почитуваме нашите пријатели, да им помогнеме во лошо и да бидеме до нив, така и тие ќе ни возвратат на нашите добрини. Еве еден текст кој го напишав за мојата другарка Деспина со која имаме поминато многу луди и незаборавни моменти и сме биле заедно и во најтешките моменти:            Пролетта веќе одамна ја зави природата во зеленило. Сонцето во утринските часови ги подаде зраците да се искапат во водите на Дојранското Езеро. На небото имаше само неколку развеани, бели, чисти како невиноста облачиња, а птиците слободно, без мака ги рашириле крилјата и се впуштиле во небесната ширина. Од езерото утрото го разубавуваше хорот на жабите. На брегот тревата ја следеше композицијата и на штурците. Лисјата од бујните дрвја се нишкаа и шушкаа од тивкото утринско ветре, а малите бранчиња од езерото плискаа на брегот.            Крај брегот се наоѓаше хотелот „Полин“ каде престојувавме на дводневната екскурзија организирана од нашето училиште. Хотелот беше на четири ката од кои на првиот кат беше рецепцијата и трпезаријата. Во трпезаријата имаше голем шанк, голем број маси и столициза гостите, а на масите бели, чисти чаршафи. На вториот, третиот и четвртиот кат се наоѓаа хотелските соби кои беа убаво уредени, чисти и удобни. Во собата во која бевме сместени јас и неколку мои другарки од прозорецот не пленеше пејзажот на мирното езеро, светлото сонце кое се одсликуваше на езерото, слободата на птиците во лет, планините и ридовите кои се гледаа како низ сенка во далечините на другата страна од езерото, мелодијата на штурчињата и жабите... Се беше толку убаво. Посакав да станам и јас дел од тој прекрасен пејзаж, затоа се упатив кон трпезаријата во која имаше врата од која се излегуваше на големата, широка тераса. Таму имаше неколку маси со бели чаршафи и околу нив дрвени или пластични столици, имаше мовче кое водеше до брегот на Дојранското Езеро. Го преминав мовчето и застанав на брегот. Се воодушевив од убавината која ја видов од близу и станав дел од неа. Душата ми се исполни со среќа. На брегот воодушевена како мене стоеше и мојата другарка Деспина. Целата трепереше од восхит. Очите и светкаа од отсјајот на езерото. Тивкото ветре нежно и ја лулаше кафеавата коса. На лицето и се забележуваше среќата. Така растреперена стоеше пред мене и ја разгледуваше околината. Деспина е мојата најдобра другарка и учиме во ист клас. Секогаш е подготвена да помогне за што и да треба. Има топло срце и широка душа. Со мене е и во среќните, но и во тажните моменти. Навистина вреди да се споделат сите моменти со таква другарка.             Знаете... Кога свеќата ќе догори, а пламенот ќе згасне, ќе остане само восокот, како што времето мина, утрото згасна, а прекрасните моменти и другарувања останаа во сеќавањата заедно со езерската шир, свежото утро, слободата на птиците во небесната ширина, композиција на штурците и жабите, прекрасните заеднички моменти со Деспина и заедничкиот пејзаж. Но, искреноста и широко отвореното, пријателско срце кон мене ќе се трудам да ги зачувам до крајот на мојот живот.

Овој состав го напишав за писмено оценување под тема: „Едно време, едно место, една личност“  

Болката во детските очи

Секој од нас претрпил некаква загуба и почуствувал болка. Но, најважно од се е што таа болка не треба да дозволиме да ја зароби нашата душа, но, се разбора дека не треба ниту да заборавиме на миговите во кои сме биле скршени. Треба на болката да се сеќаваме како на причина која не правела се посилни и посилни во животот. Затоа сакам да споделам еден текст кој добро покажува колку созреаност има во детските очи кога се работи за болката и загубата и како едно дете ја сфаќа загубата:
              Деновите минуваат, стареат и остануваат во минатото, заборавени. Но, не сите. Некои се незаборавни, исполнети со среќа и убави настани. Некои пак мивуаат онака, едноставно и не оставаат некој впечаток кој би останал вечно врежан во мислите. Но, има денови кои се тмурни, како темни облаци полни со дожд, исполнети со немили настани и случки. Имам доживеано многу такви денови. Некои исполнети со среќа и радост, а некои со тага, болка, солзи и незадоволство. За моја среќа убавите преовладуваат, но и лошите имаат заземено свое место. Во оние стари кои како р'ѓосани предмети стојат зафрлени во некоја просторија, тишината за мене претставуваше најголем непријател. Секогаш кога требаше да останам дома сама, пеев на цел глас за таа тишина да ја снема, за самотијата да се сруши. Всушност самотијата е собир на личноста, тишината, гласот на разумот и чукањето на стрелките од часовникот, кои незапирливо чукаат: „Тик-так, тик-так...“ Но, Времето како вечно да траеше. За да ја снема таа тишина започнав да одам на секакви активности, незнаејќи дека еден ден таа ќе ми треба најмногу.              Да, тој ден навистина ми беше потребна најмногу од се. Тој ден изгубив една многу драга личност, всушност тоа беше мојот чичко од Америка, кој го немав видено до својата единаесетта година. Тој дојде заедно со неговата ќерка, мојата братучеда. Откако дојде на сите ни ги исполни деновите со смеа. Беше многу добар човек. Можеби затоа се случи ова. Постарите велат дека Бог крај себе ги зема добрите луѓе. Бев многу тажна и разочарана кога разбрав за неговата смрт. Како вчера да беше, заедно цело семејство седевме во дворот и се смеевме, а сега седев сама со солзи во очите, со болка во срцето и врелча крв во вените. Беше летна ноќ. Се беше раздвижено. Одеднаш звуците од автомобилите почнаа да ме задушуваат, чекорите на луѓето ме потсетија на чукањето на стрелките од часовникот. Посакав тишина која би ја надминала болката. Со трчање се упатив кон блискиот парк. Таму се беше мирно, тивко, високо... Се слушаше само шумењето на лисјата од дрвајата. Месечината ми го осветлуваше ликот покрај сите тие темни мисли. За прв пат во тишинта ја најдов утехата. Солзите ме направија посилна.              Од тој момент дење се смеев со сонцето, а ноќе плачев со месечината. Но, секој ден се будев се посилна. И денес се смеам и вечер ќе плачам, а кој знае новиот ден што ќе донесе. За добро да е!Мене болката ме прави посилна бидејќи искуството ме научи како да се справам со неа. Никогаш не попуштајте пред болката!